Транзистор е полупроводничка компонента која се користи за засилување и прекинување на електронски сигнали и електрична енергија. Составен е од полупроводнички материјали и има најмалку три изводи за конекција со надворешното коло. Напонот или струјата доведена на едниот пар изводи на транзисторот прави промени во струјата која тече низ другиот пар изводи. Бидејќи излезниот сигнал може да биде со поголема амплитуда од влезниот сигнал, транзисторот всушност може да засилува сигнали.
Биполарните транзистори се наречени така затоа што нивното функционирање се базира на електрони и шуплини. Овие два типа на носители на електрицитет се карактеристични за двата типа на полупроводнички материјали. За разлика од нив, униполарните транзистори, како што се транзисторите со ефект на поле (FET), имаат само еден тип на носители на електрицитет.
NPN е еден од двата типа на биполарни транзистори, кој се состои од P-тип на полупроводник (базата) сместен помеѓy два слоја на N-тип полупроводник. Малата струја која влегува на базата ќе се засилува за да генерира голема колекторска и емитерска струја.