Системи за следење и управување со потрошувачка на енергија - EnMS.
Енергијата е ресурс што може (и мора!) да се управува
Електричната енергија е едно од најголемите богатства и благодати што му се подарени на човештвото. Таа има силно влијание во вкупната слика за современото живеење, кое постојано е жедно за овој скапоцен, но и ограничен ресурс..jpg)
Времето кога енергијата беше евтина е многу зад нас и еден ден за тоа ќе раскажуваат само учебниците по историја. Наспроти трендот на побарувачката на енергија, кој постојано ја подига точката за максимумот нагоре, пристапот до енергија станува сѐ поскап. Затоа е потребен баланс помеѓу овие два апсолутни и неприкосновени фактори, што би се базирал на компромис.
За таа потреба, се тргнува од фактот дека енергијата е ресурс што може да се управува, врз чија експлоатација може директно да се влијае, при ист, корисен ефект. Со негова ефикасна и рационална употреба, сите се во добивка:
-
намалување на трошоците за енергија
-
намалувањена загадувањето на животната средина (стакленички гасови)
-
зголемување на конкурентноста
Затоа, како никогаш досега проработена е свеста за скапоценоста на енергијата и потребата од нејзина оптимизација во секојдневието. Дури и добро познатиот слоган „ДА ЈА СПАСИМЕ ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА (Save the Planet)“, всушност е блага верзија на реалноста која гласи „ДА СЕ СПАСИМЕ САМИТЕ СЕБЕСИ“. Заштедата на енергијата е еден од начините со кој многу би се придонесло за тоа.
Постојат многу начини како да се дојде до резултат, како да се оптимизира, како да се рационализира... Во продолжение на текстов се осврнуваме на еден од начините за тоа.
Управување со енергија (Energy Management)
Со енергетските ресурси не може да се оди до бесконечност од добро познати причини, затоа се бара начин да се најде оптималниот метод што ќе врши распределба на ресурсите кон ВИСТИНСКИТЕ потреби што носат и најголем ЕФЕКТ од трошењето на енергијата.
Терминот УПРАВУВАЊЕ со енергија ги обединува сите мерки: програми, проекти, задачи... чија единствена цел е ОПТИМИЗАЦИЈА/НАМАЛУВАЊЕ на потрошувачката на енергија.
Се наметнува прашањето: кој е и како изгледа патот до целта?
Вистинскиот пат е едноставен, доаѓа од едно познато правило поставено од американскиот еминентен професор и статистичар Вилијам Едвардс Деминг (William Edwards Deming, 1900-1993): Plan-Do-Check-Act (Правилото на Деминг):
-
Планирај (Plan) - Зададете конкретна цел што би влијаела на вашата енергетска мапа. Посветете ѝ се и направете план како би стигнале до оптималната енергетска конфигурација;
-
Направи (Do) - Пронајдете начин за реализација на планот. Имплементирајте ги дефинираните решенија, процедури, мерки...;
-
Провери (Check) - Проверете како и колку имплементираните процедури и мерки водат кон зададената цел. Проверете ги резултатите, направете евалуација, а потоа и подобрување на постапките;
-
Дејствувај (Act) - Доколку резултатите се извесни и водат кон целта, проширете го полето на дејствување преку истите чекори 1, 2 и 3 и за другите ентитети што се дел од вашата енергетска мапа.
Овие 4едноставни чекори обезбедуваат резултат што води кон целта. Секогаш може подобро или што можам да подобрам е клучниот слоган во секој чекор. Во Plan-Do-Check-Act треба да влезат и навидум малите небитни нешта, кои ако се погледнат на подолг период, значат подобрување, а пред сè заштеда. Таргетите и целите подлежат на ПОСТОЈАНО ПОДОБРУВАЊЕ, а ова бара континуирана фокусираност, менаџмент и систематски пристап на оперативно ниво, но, над сè, е потребна волја за промени и подобрувања.
Правилото Plan-Do-Check-Act постојано ќе ја надградува енергетската политика во Сопствениот енергетски систем. Откако ќе се придвижи, системот ќе влезе во циклус што постигнува економска, еколошка и систематска придобивка, систем што континуирано генерира заштеда на потрошувачката на енергенсите.
Стандардот ISO50001
Кога посветеноста за постигнување оптимална (штедлива) енергетска политика кај некој консумент ќе го достигне потребното ниво во повисокото ниво на менаџментот, потребно е проширување на систематскиот пристап до сите внатрешни сегменти на компанијата.
Овој сеопфатен пристап е вграден во меѓународниот стандард ISO50001, чија една и единствена цел е изградба на Сопствен енергетски систем што континуирано штеди. Основниот концепт врз кој почива овој стандард е сличен на другите познати стандарди (ISO9001, ISO14001) и е предмет на ПОСТОЈАНО ПОДОБРУВАЊЕ.
Како овој стандард внесува промени во компанијата?
На следнава слика е даден статистички глобален пример за движењето на трошоците за енергија во една компанија, пред и по имплементација на стандардот ISO50001 во период од 3 години.
Придобивката од имплементацијата е најголема во првата година, кога се донесуваат и најтривијалните мерки на оперативно ниво. Реалниот бенефит е заштеда 10-15% од консумираната енергија.
Стандардот многу ќе ѝ помогне на компанијата и во инвестициските зафати при изборот за набавка на каква било опрема што ги поседува не само бараните технолошки карактеристики туку и потребните енергетски стандарди.
На тој начин енергетската политика на Сопствениот енергетски систем станува дел од секојдневните обврски на оперативно ниво во целата компанија, што гарантира сигурна придобивка.
Систем за следење и управување со потрошувачка на енергија (Energy Management Systems–EnMS)
Еден од начините за обезбедување на елементите во Сопствениот систем за енергија е потребата од континуирано мерење на потрошувачката. Брз и едноставен начин за овие мерења е воспоставување EnMS-Систем во рамките на компанијата.
Концептот на градба на EnMS-Систем што ЛОГИНГ Електроникс го имплементира е едноставен „Еден систем за мерење и управување со сите енергенси“. Неговата генералната структура и функционалности се:
-
уреди за мерење на потрошувачката на кои било енергенси: електрична енергија, гас, вода, нафта, флуиди...
-
софтверска апликација за аквизација/прибирање на мерните големини, нивна обработка, анализа и креирање извештаи приспособени на оперативните потреби во компанијата и типизираните потреби на менаџментот, со автоматизирана дојава на некој од тековните современи телекомуникациски уреди: лаптоп, мобилни телефони, таблет-уреди по пат на SMS, e-mail, web-пристап и сл.
-
комуникациска инфраструктура: универзално решение што поддржува: интернет преку бакар, оптика, GPRS или кој било друг индустриски протокол.
-
системот е модуларен и може да се надградува по фази согласно со генералниот план за имплементација на компанијата, без потреба од градење нови системи за мерење или управување на кои било енергенси. Сè се следи, контролира и се управува преку една софтверска апликација.
-
врз основа на резултатите добиени од обработката и анализата во рамките на самата софтверска апликација се градат алгоритми/постапки за автоматско или мануелно управување со потрошувачите од соодветниот енергенс.
-
вградените хардвер и софтвер ги исполнуваат критериумите и барањата на стандардот ISO50001, со што компанијата нема никаква пречка во некоја следна фаза да го имплементира истиот.
ЛОГИНГ Електроникс како компанија во областа EnMS-Системи активно е вклучена во Република Македонија подолг временски период (околу 7години). На почетоците при работните посети во компаниите, искуството покажува дека воопшто не се размислуваше за конкретно штедење на енергенсите, преовладуваше мислењето дека цената за енергенсот е вклучена процентуално во калкулациите за единица производ и дека тоа е доволно за нормално работење на компанијата. Зошто да се гради Систем за енергија што ќе ја опфати целата компанија до секое ниво, иницијализација на промени во неа, нов проект, нови обврски...! Ова размислување низ годиниве полека се менуваше во вистинската насока.
Најголемо раздвижување во самите компании направија законските најави за либерализација, кога започнаа да се интересираат за конкретни решенија на нивните апликации. Тоа се случува во последниве 12-18 месеци. Одложувањето на либерализацијата ги развлекуваше и одлуките, односно прифаќањето дека е време за промени. Реално ситуацијата на терен сè уште е таква, преовладува нашиот менталитет да се прави сè во последен момент. Но ова е многу сериозна работа и проблематика што опфаќа контрола на повеќе фактори, така што може да ги раздрма компаниите до темел. Градењето на EnMS-Систем е процес што бара време да се архивира, да се стекне знаење и искуство за да даде точен резултат, а потоа е многу едноставен за одржување и надградување, но треба да се стигне дотаму!
Малку се компаниите што во изминатиов период се зафатија вистински со оваа проблематика и со барање решение од каде да почнат со нивната апликација. Тие што започнаа, во најголем дел имплементираа решенија, а некои се во завршна фаза на имплементација и ќе бидат подготвени за почетокот на овој процес на либерализација. Но сето тоа е новина и за нив, затоа за очекување е надлежните институции активно да ги следат состојбите на терен, навремено да ги отстрануваат евентуалните аномалии во регулативата, но и да „предвидуваат на час“. Заедно со учесниците да го прифатат концептот на заедничко учење за да се стигне за што пократко време до целта на либерализацијата-поконкурентни компании во Република Македонија.
Цена на чинење на EnMS-Систем. Искуството покажува дека само ако се погледне досегашната сметка што ја плаќаат компаниите за потрошена енергија на месечно ниво, инвестицијата е премала во однос на краткорочните бенефити што се очекуваат од постоењето на Сопствен систем за енергија. Со самото тоа и периодот на исплатливост/враќање на инвестицијата од самата очекувана заштеда на EnMS-Системот е прекраток. Во Република Македонија од почетокот на 2013година е започнат проект на USAID за индустриски менаџмент. Проектот првично ќе опфати 17 компании од одредени сектори (пред сè, производство), на кои финансиски ќе им помогне при имплементацијата на Систем за EnMS со грант во износ од 50% од вкупната сума, но не повеќе од 20000USD. ЛОГИНГ Електроникс е дел од овој проект. Првиот успешно имплементиран систем од овој проект е и официјално пуштен во употреба од страна на ЛОГИНГ Електроникс.
ЛОГИНГ Електроникс има договор за помош при финансирање на овие системи во компаниите и од други извори ако има потреба.
Практично имплементиран EnMS-Систем
Да се видам во огледало, за да добијам можност за промена!
Добивањето информации за тековниот енергетски профил на компанијата е првата најосновна придобивка од системското интегрирање на параметрите на потрошувачката. Ова е секогаш појдовната точка од која тргнуваат сите планови, процедури, мерки. г. Саво Станковиќ, генерален менаџер на HiTech корпорацијата, при официјалното примопредавање во неговата фирма, на прашањето кои се очекувањата од имплементација на EnMS-Системот изјави: „Сакам да видам каде сум, сакам да се погледнам во огледало, а понатаму ќе имам можност да одлучам оперативно што ќе правам или нема да правам, ќе имам избор или, пак, ќе ја пикнам главата во песок и ќе си продолжам како и досега“.
По инсталирањето на системот лесно се согледуваат проблематичните потрошувачи на електрична енергија.
Така на пр. оперативниот тим на HiTechуште во првата недела од пуштање на EnMS-Системот пронајде проблем: една машина континуирано прави непотребно врвно оптоварување при нејзино пуштање во работа, кое може да се елиминира со SolidState релеј. Заштедата од решението на овој проблем е приближно 900евра/месечно во сметката за електрична енергија по тековната важечка тарифа или 10.800евра/годишно! Во нивните оперативни приоритети почетно ќе обрнат внимание да ги воочат и елиминираат сите непотребни врвни оптоварувања.
Во Февруари 2014 го пуштивме во работа системот за следење на потрошувачката на електрична енергија (EnMS) во компанијата Hi-Tech. После три години резултатите и бенефитите од работата на системот се евидентни. Погледнете го видеото снимено во оваа компанија од страна на USAID и погледнете како решението придонесе за намалување на трошоците и подобрување на енергетската ефикасност во Hi-Tech. Токму затоа сме горди на ваквите проекти, постојано се надградуваме и очекуваме уште поуспешни во иднина.
Некои од софтверските алатки за анализа

За комплетирање на сликата од оваа прва фаза се потребни и дополнителни елементи, на пр. претходни фактури за електрична енергија или од некој друг енергенс имплементиран во системот за EnMS, преглед на распределбата на потрошувачката по потрошувач итн. Параметрите на мерните точки се следат на одредени временски интервали согласно со потребите на компанијата: дневно, месечно, часовно...На сликата се дадени некои типични прикази од софтверот на EnMS-Системот.
Втората фаза од градењето на EnMS-Системот се базира на анализа и статистика. Врз основа на архивата добиена во фаза 1, се додаваат и други најразлични специфични параметри за компанијата, кои се поврзани со производството или услугите, како на пример: обемот на производство за периодот, годишното време, дневните статистички очекувани температури и сл. Резултатот од овие анализи треба да даде изведени математички параметри врз чија основа ќе се гради енергетската политика, на пример предвидување и балансирање на потрошувачката на електрична енергија или гас согласно со законските одредби како и на другите енергенси што би се опфатиле во иднина со закон, количество потрошена електрична енергија по единица производ итн.
Третата фаза подразбира имплементација на конкретни постапки и мерки во Сопствениот систем за енергија на компанијата, кои ќе придонесат за нејзино штедливо трошење. Добар дел од тие мерки може да бидат реализирани и преку софтверот на овој систем, со што кон EnMS-Системот се додава и нова димензија – УПРАВУВАЊЕ со потрошувачите со цел континуирано подобрување на процесите на ШТЕДЕЊЕ.
Како стандардна компонента во системот во делот за менаџмент со електричната енергија се вклучени и мерење на квалитетот на електричната енергија согласно со постојниот законски стандард во Македонија EN50160. Секој трговец-снабдувач треба да испорачува електрична енергија согласно со овој стандард EN50160. Секое отстапување од тој стандард, системот го архивира, а подоцна презентиран како извештај може да послужи за докажување со снабдувачот со правна тежина. Во исто време системот дава информација дали проблемот со квалитетот на електричната енергија е генериран внатрешно од компанијата или е увезен однадвор од испорачателот. Секое отстапување од квалитетот на електричната енергија е потенцијал за дефекти на опремата во компанијата, а директно се манифестира и во зголемување на потрошувачката на енергијата што, пак, на крајот ја плаќа потрошувачот.
Имплементација на EnMS-Систем – клуч за Вашиот успех
Системот за следење и управување со потрошувачка на енергенсите: електрична енергија, вода, гас, нафта и сл. е силна едноставна алатка за значително континуирано намалување на трошоците. Кога еднаш ќе се имплементира и придвижи во циклус, системот по инерција континуирано генерира постојанa вредност за компанијата¬-„штедење на енергенсите“ и независност.
Придобивките од постоењето на ваков систем директно и индиректно влијаат врз сликата за компанијата.
Директни придобивки:
-
eдноставна, брза комплетна јасна слика за трошењето на енергијата
-
лесно предвидување на потрошувачката на кој било енергенс: електрична енергија, гас, вода, нафта и сл.
-
систем што континуирано се грижи за штедење на трошоците за енергија
-
намалување на трошоците за максимална моќност
-
зголемена сигурност на системот за напојување
-
намалена емисија на стакленички гасови
-
намалување на импактот од промена на цена на енергенсите
-
зголемена конкурентност на компанијата
Индиректни придобивки:
-
позитивен публицитет
-
подобрена слика за компанијата
-
подобрено, предвидливо, поедноставно функционирање на оперативните процеси
-
подобрени безбедност и здравје
Новите законски прописи во Македонија за либерализација на пазарот со електрична енергија во корелација со градењето на Сопствен систем за енергија- EnMS
Од 1април започнува либерализација на пазарот со електрична енергија. За почеток се опфатени 222 компании во Македонија, кои треба до 1март да се регистрираат како учесници на пазарот, да изберат трговец-снабдувач со кој ќе склучат договор и евентуално да влезат во неговата балансна група. Тоа е административниот дел од обврската.
Либерализацијата во основа нема цел да ја погоди финансиската кондиција на компаниите или да ја наруши нивната конкурентност! Либерализацијата значи нови правила на игра и не треба да се поврзува само со цената на чинење на енергијата, туку и со други значајни елементи/фактори што влијаат кога ќе се стави „Вкупно“ накрај во сметката за електрична енергија. Познавањето на новите правила и играњето со знаење на новата игра е клучно за постигнување на целта од либерализацијата: помали трошоци за електрична енергија и поголема конкурентност на компаниите.
Основните битни компоненти во новиве правила на игра од кои зависи „Вкупното“ во сметката се:
-
цената на чинење што се плаќа по основ на дистрибутивна такса, во зависност од напонот на кој е приклучена компанијата;
-
цената на чинење што се плаќа на трговецот-снабдувач;
-
точноста во предвидувањето на потребното количество електрична енергија на час и нејзино навремено најавување кај трговецот-снабдувач;
-
казнените пенали за дебалансот, погрешно предвидено и потрошено поголемо или помало количество електрична енергија на час од најавената;
-
балансните групи формирани и менаџирани од трговците-снабдувачи.
Цената во точка 1 е регулирана од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, и е фиксен трошок на кој не може да се влијае.
Цената во точка 2 е предмет на договор со трговецот-снабдувач. Ова е цена само за точно предвидено и најавено количество енергија од страна на компанијата.
Точноста во предвидувањето(точка-3): ако компанијата има Систем за енергија, тој ќе дава резултат како предвидување за потребното количество електрична енергија на часовно ниво. Со искуството и со надградувањето на алгоритамот кој претставува математичка формула од повеќе параметри (специфични за секоја компанија), точноста на предвидувањето ќе се зголемува. Овие активности за предвидувањето, индиректно иницираат размислувања и активности на оперативно ниво за оптимизација на трошењето на електричната енергија. Ова ќе резултира во континуирано нејзино штедењеи со самото тоа ќе се постигне целта на либерализацијата на пазарот-помали трошоци и поголема конкурентност на компанијата. Ова не може да се постигне без Сопствен систем за електрична енергија како дел од EnMS-Системот. Информациите што се пласираат дека точноста може да се реши само со совети од надворешни специјализирани консултанти, без притоа да се користат извештаите од Сопствениот систем за енергија но и познавањето на внатрешните процеси во компанијата, се заблуда во која се држат консументите.
Казнени пенали: дебалансот е секое отстапување во плус или минус од најавеното количество. Колку е поголем дебалансот, казнените пенали се поголеми. Ова е многу битен елемент во сметката за електрична енергија за кој мора да се води сметка, во спротивно овој фактор-дебаланс може да генерира финансиски трошок што ќе биде значително поголем од трошокот од точка1 и точка2 (за самата енергија).
Балансни групи:секоја балансна група како еден консумент на пазарот настапува со обврска точно да предвидува и да најавува количества електрична енергија на час, секое отстапување или дебаланс подлежи идентично на казнените пенали од точка4.
Менаџирање на балансната група:
-
се состои од учесници/консументи
-
секој учесник во балансната група мора да предвидува и да најавува потребно количество енергија на час, со можни ситуации за:
○ точно предвидување, во идеален случај
○ погрешно предвидување
-
во рамките на групата: дебалансот во плус на некои учесници се балансира со дебалансот во минус на други учесници, на тој начин балансната група како посебен/независен консумент треба да го постигне своето предвидено и најавено количество енергија за да не плаќа казнени пенали за дебаланс.
-
сепак, сите учесници/консументи на крајот ќе добијат сметка во која тие што точно најавиле, ќе имаат предвидлив финансиски износ од точка 1 и 2, а тие што погрешно најавиле, ќе имаат дополнителен износ и за дебалансот (казнени пенали од точка4). Менаџирањето со казнените пенали, кому колкав износ, е работа на трговците-снабдувачи. Овој битен елемент/фактор-цена на чинење на дебалансот во сметката за електрична енергија треба да го земе предвид секој учесник/консумент, да води сметка за него тековно и да го договори со снабдувачот. Самото учество во балансна група не значи и ослободување од казнените пенали за погрешно најавено количество електрична енергија (само намалување, да). Затоа повторно се доаѓа до тоа дека секој консумент треба да има и да гради Сопствен систем за електрична енергија како дел од EnMS-Системот.
Информациите дека решението со либерализацијата е консументите "ништо да не прават" и само да си купат „пакет“ за предвиденото количество електрична енергија на час, слично како што се купува и за предвидената комуникација преку мобилна телефонија на одреден период, е несериозно, ги држи во заблуда компаниите, без да прават сериозни подготовки. Времето поминува, сето ова ќе се одрази на финансиите и на конкурентноста. Дали може некој корисник на мобилна телефонија, електрична енергија или каков било друг енергенс да знае однапред што и колку му треба на час/ден/месец ако нема точен извештај?
Без вистински сопствен извештај, добиен внатрешно од компанијата, во кој се опфатени сите значајни елементи/фактори, купувањето „пакет“ услуга од кој било трговец и за што било е сведено безмалку само на интуиција, евентуално осет, а со самото тоа подлежи на лесна манипулација, а финансиските износи што треба да се платат од грешката на погрешно избраниот пакет се огромни. Сето ова е спротивно на целта на либерализацијата на пазарот со електрична енергија да не ја наруши финансиската кондиција на компаниите и да ја зголеми нивната конкурентност.
За да се игра успешно по новите правила за либерализација, структурниот процес треба да се познава а сите негови значајни елементи да се имаат под контрола. Само успешните играчи можат да очекуваат вистински бенефит од либерализацијата. Компаниите што имаат EnMS-Систем и вршат константната обука и тренинг на оперативно ниво, можат да очекуваат предвидливости заштеди во потрошувачката, а ова само по себе потоа ќе генерира вистински резултат: помали трошоци за електрична енергија!
Ве покануваме да ја пополните пријавата за интерес, да го искористите првичното бесплатно скенирање и советите за Вашата компанија. Потоа, одлучете сами.